Македонски јазик

Македонскиот јазик е кодифициран/официјализиран на 2 август 1944 год., на Првото заседание на АСНОМ. Со тогашната одлука, македонскиот јазик се заведува како службен јазик во македонската држава. Наредната година, 1945-та, се усвоени азбуката (5 мај) и правописот (7 јуни).

Историскиот пат на македонскиот јазик започнува од семејството на словенските јазици, од групата на јужнословенски јазици. Во XII век се изделува македонската варијанта од црковнословенскиот јазик; во XVI век со појавата на дамаскинарската литература наѕираат првите елементи на народниот јазик со црковнословенски текстови; во првата половина од XIX век се наметнува народниот јазик кај македонското население; на почетокот на XX век Крсте Петков Мисирков ги поставува првите насоки за создавање македонски литературен јазик („За македонцките работи“, Софија, 1903 г.).

На 2 август 1944 год. македонскиот јазик е озаконет како официјален;

На 5 мај 1945 год. е усвоена македонската азбука. Таа брои 31 буква и го користи кириличното писмо.

На 7 јуни 1945 год. е усвоен првиот македонски правопис. Неговите следни изданија се отпечатени во годините: 1950, 1970, 1998 и 2016, кога е објавен најновиот Правопис.

Денес македонскиот јазик е еден од околу двестете официјални светски јазици.