Што е лектор?

Лектор е стручно лице кое врши корекција (поправка) на граматичките и правописните грешки, како и на стилско-јазичните недоследности во текстот. Негова задача е да го оспособи текстот во согласност со нормите на македонскиот стандарден јазик. Лекторот ја изготвува финалната верзија на текстот пред да биде испечатен (јавно објавен), при што текстот мора да биде читлив, јасен и разбирлив.

Лектор може да биде само овластено лице за вршење на таа дејност, кое мора да има завршено студии по македонски јазик при Филолошкиот факултет и отпосле се стекнало со Уверение за положен лекторски испит, што го издава Министерството за култура на РМ.

Улогата на лекторот е спроведување на нормираните правила за пишување и заштита на јазикот од неправилности и туѓи влијанија. Лекторот мора да има широки познавања од граматика, правопис, лексикологија, зборообразување, семантика, фразеологија и стилистика.